Светската јавност неделава беше згрозена од крвавиот настан во американската држава Колорадо, каде напаѓач отвори оган врз луѓе на паркингот од полн супермаркет, убивајќи десетмина.
Една од жртвите на масакрот е и 23-годишниот Невен Станишиќ. Неговите родители, Срби, побегнале од војните во поранешна Југославија и пристигнале во САД на крајот на 90-те, а тој е роден неколку години подоцна.
Во напливот од медиумски извештаи за грозоморниот настан, една приказна се издвои и донесе малку надеж во темнината – локалните медиуми ги пренесоа зборовите на девојка по име Едита Малоку: „Кога ги видов имињата на жртвите и меѓу нив презимето Станишиќ, веднаш знаев дека тој е Србин“.
Едита, Албанка од Косово, која заедно со семејството во 1999 година се преселила во Колорадо, се одлучила на благороден потег – покренала кампања за собирање пари за помош на семејството на Станишиќ, на платформата GoFundMe.
„Не можам ниту да замислам како би се чувствувала да е тоа мојот син“, вели Едита, која додава дека од оваа трагедија би морало да се изроди барем бришењето на националните поделби.
„Во Америка со семејството дојдов во 1999 година. Имам двајца браќа и две сестри и заедно со родителите, сите дојдовме како бегалци,“ раскажува таа.
Едита во разговор за телевизијата The Denver Channel ја коментираше комплексната ситуација меѓу Србите и Албанците.
„Тоа е навистина тажно, а трае веќе со генерации. И самата поминав низ сето тоа, но низ годините стигнав до емотивно закрепнување. Сега повеќе ги гледам сличностите, а не разликите со Србите,“ вели Малоку.
„Мислам дека, кога двете страни само би внеле во сето тоа малку повеќе љубов, а политиката би ја оставиле настрана, би се видело колку работи ни се заеднички. Нашите потекла, нашите семејни истории, се слични. Слични се и причините зошто дојдовме во Америка, што бараме тука – и ние и семејството на Невен дојдовме овде по мир. Можев да бидам јас на местото на Невен. Единственото нешто што ме спаси е времето на заминување, затоа што и јас често одам во таа продавница,“ инспиративно зборува Едита, која низ солзи додава дека се надева оти ќе има можност да го запознае семејството на Невен и лично да им изрази сочувство на неговите најблиски.