Во присуство на премиерот на РСМ, Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, како и претставници од институции и граѓани, денеска во Делчево беше означен почетокот на изградбата на современиот градски пазар кој е капитален проект за Делчево и за целиот регион.
Во обраќањето премиерот Заев истакна дека изградбата на современиот градски пазар ќе биде уште едно место двигател на локалната економија во Општина Делчево и додаде дека развиени општини значат силна економија.
-Во таа насока, Владата континуирано се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво. Ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво. За таа цел започнавме реформа за унапредување на фискалната децентрализација преку реализирање на три главни столба и тоа раст на приходите на општините, отплата на долговите, како и домаќинско, транспарентно и отчетно работење. Владата со буџетски средства и со поддршка на меѓународните финансиски институции спроведува проекти, конкретно насочени кон развој на општините. Главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво, истакна Заев.
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски вели дека Градскиот пазар кој е проектиран на површина на градежна парцела од 11.599 м2 и површина за градење од 6.944 м2 е неопходна потреба за Делчево како погранично место и проект кој има регионално значење.
-Целта е да добиеме современ градски пазар во смисла отворен и затворен дел, каде ќе бидат испочитувани сите критериуми за соодветно чување и продавање на храната и на најразновидната стока, како и соодветен паркинг-простор. Дополнително, овој дел на градот добива современ урбан изглед со можност да се создадат атрактивни локации за идни нови градби. Реализацијата на овој проект, како и на сите претходно реализирани капитални инвестиции во Делчево ќе сведочат за генерации и генерации делчевци за одговорното и посветено работење. Многу пати сум истакнал и сега ќе повторам дека Делчево е школски пример како одговорната локална власт и одговорната централна власт, нивната кохезија и следењето на заедничкиот интерес, дава резултати за граѓаните, порача Трајковски.
Вкупната вредност на проектот е околу 33,5 милиони денари, средства обезбедени од владини институции и дел од општинскиот Буџет, а градежните работи во двете фази од изградбата се очекува да завршат за период од една година.