Со последните објавени огласи за електронско јавно наддавање за продажба на градежно неизградено земјиште, Општина Гевгелија изврши скратување на времето за лицитација од еден час на само 15 минути.
Втората измена во однос на претходните огласи за отуѓување на градежно земјиште во државна сопстевност е што е намален износот на чекорното покачување на понудите, од можните 50 на само 10 денари покачување од интересентите на почетната откупна цена, која изнесува 61 денар за метар квадратен градежен простор.
Ваквите измени доаѓаат по неколкуте неуспешни обиди од почетокот на стопанисувањето со државното неизгадено земјиште од страна на локалната самоуправа, каде што без никакви образложувања Општината ги поништуваше огласите за продажба, оставајќи ги во игра претпоставките дека не се јавиле потребниот број интересенти за наддавање, или очекуваните учесници во јавната лицитација.
Еклатантен беше и примерот со продажбата на плац од над 3.000 метри квадратни атрактивен простор во областа на поранешна Касарна, кога двајцата учесници во лицитацијата еден час „глумеле“ наддавање, а во тој период само еднаш било понудено зголемување на почетната откупна цена за нови 50 денари.
И, по истекот на пропишаниот еден час за лицитација, новиот сопственик се стекнал со атрактивен градежен простор за само 111 денари по метар квадратен од првично понудената цена од 61 денар (едно евро) по метар квадратен градежен неизграден простор. Како комисијата надлежна за спроведување на електронското јавно наддавање дозволила „онлајн-седенка“ на лицитаторите без да понудат ништо следните 55 минути од терминот за лицитирање, се прашуваше гевгелиската јавност.
Наместо да ги фати дремка пред компјутерите, сега со новите измени за учесниците во електронското јавно наддавање и терминското ограничување од две минути за доставување нова понуда со најмало чекорно зголемување од само 10 денари од почетната цена, можно е за само четири минути, ако нема нова понуда во следните две минути, да станете сопственик на градежното земјиште по минимална цена од 71 денар за метар квадратен.
Новите промени одат во корист на купувачите, но зошто такви отстапки и олеснувања од страна на Општината за евтино и брзо отуѓување на земјиштето, ако се знае дека последните продадени плацовиза големи градежни комплекси што требаше да ја подигнат градежната оператива и да донесат нови вработувања во Гевгелија, сèуште се обраснати со трева, а поради сезонските услови таа е веќе исушена, со запустена слика на просторот.
За новообјавените огласи за продажба на градежно земјиште, од Општината велат дека се работи за повторување на постапката за отуѓување на градежното земјиште што се наоѓа во катастарската општина Гевгелија.
Со огласот понудени се на продажба три градежни парцели со вкупна површина од 24.142 метри квадратни, од кои 635 м/2 со намена за семејно домување во населбата „Караорман“ и две парцели од по 11.050 и 12.457 м/2 наменети за стоваришта во месноста „Горни ’Кр“ кај Негорци, сите по почетна продажна цена од 61 денар по метар квадратен. Единствено се различни износите за уплатата на депозит за учество во јавното наддавање, кој изнесува 7.747 денари за индивидуалната станбена куќа на „Караорман“, 67.405 за првото и 76.048 за второто стовариште. Огласите беа најавени на почетокот на годината, но одложени по укажувањето на Антикорупциска комисија, поради одржувањето на локалните избори во Македонија.
Јавните наддавања се закажани за 25 јуни (за Караорман) и за 4 јули (за Горни ’кр), со почеток во 11:00 часот, а ќе се оддржат електронски на Интернет-страницата www.gradezno-zemjiste.mk
На ваквото разнебитување на државното богатство реагираа советниците од опозицијата во гевгелискиот Совет, особено поради фактот што парцелите се продаваат по багателна цена, а купувачите една година по стекнатата сопственост сè уште непокажале градежни активности на теренот, што значи тие се мртви инвестиции што не носат нови капацитети, ниту нови вработувања, како што се најавуваше со кампањата за стопанисувањето со градежното неизградено земјиште. Таков е случајот со продажбата на плацот во поранешна Касарна, каде што требаше да никне хотел со деловен комплекс, а таков е случајот и со близу 5.000 метри квадратни градежна зона во близина на граничниот премин Богородица кај месноста Милци, каде што требаше да се изгради голем трговско-деловен комплекс со повеќекатна конструкција. Две години по продажбата, иако новите сопственици имаа обврска за девет месеци од стекнувањето на сопственоста да набават градежна дозвола и да започнат со градежни работи на теренот, овие локации сèуште се обраснати со трева и запустени, без никаков знак за градежна оператива, што значи сопственоста е отуѓена, а инвестиции на повидок нема.
Згора на тоа со огласот за продажба на државното земјиште новите сопственици немаат обврска да го платат надоместокот за уредување на градежно земјиште, а со договорот „најповолниот понудувач се обврзува да го изгради објектот согласно урбанистички план по кој земјиштето е отуѓено во рок од 6 години од прибавеното одобрение, при што доколку објектот не се изгради во определниот рок по вина на купувачот, договорот ќе се раскине и истиот ќе има обврска да плаќа договорна казна во висина од 1,5 % од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање за предметното земјиште за секој изминат месец во првата година од истекот на рокот, односно 3% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање за предметното земјиште за секој изминат месец во втората година од истекот на рокот, односно 4,5% од вкупно постигнатата цена на јавното наддавање за предметното земјиште за секој изминат месец во третата и секоја наредна година од истекот на рокот“.
Колку средства се слеале по оваа намена од сèуште неизградените простори на Касарна и Милци од страна на новите сопственици, кои сèуште не започнале да градат, не добивме одговор од Општната. Но, очигледно е дека во минатогодишниот локален општински буџет влезот на средствата од даночните приходи, каде што влегува и наплатата на комуналиите, бил за 23,4 одсто помал од планираното и претставувал само 3,45 одсто во однос на вкупниот буџет за минатата година. Како локалната самоуправа мисли да ги реализира годинава планираните 178 милиони денари наменети за градежно неизградено земјиште со ваквите ниски цени, а забрзано темпо на продажба на градежното земјиште во државна сопственост е енигма и за експертите од оваа област.