Светската јавност денеска ја вознемири страотниот пад на познатиот ски-скокач од Норвешка, Даниел-Андре Танде на леталницата во Планица, Словенија.
Тој при брзина поголема од 100 километри на час, ја загуби контролата уште на почетокот на летот и падна на главата, по што се лизгаше неколку стотини метри по патеката.
Еден од најморничавите падови во последните сезони од натпреварувањата во скијачки скокови ги „замрзна“ малкуте гледачи на тренингот и членовите на тимовите, кои можеа само да гледаат во тензично исчекување додека лекарите му укажуваа помош на Танде и го префрлаа со хеликоптер во болница во Љубљана.
Според последните извештаи, 27-годишниот познат норвешки ски-скокач, кој беше светски шампион во скијачки летови и има четири победи во настани од Светскиот куп, е во кома, но неговата состојба е стабилна и лекарите ја следат.