Белата куќа денеска соопшти дека ќе издвои дополнителни 10 милијарди долари за поттикнување повисоки стапки на вакцинација во енклавите каде што живеат малцинства, луѓе со ниски приходи и во руралните делови на земјата.
Програмата ќе биде финансирана преку пакет помош од 1.900 милијарди американски долари, усвоен во Конгресот на почетокот на овој месец.
Локалните здравствени центри ќе бидат финансирани за проширување на вакцинациите против Ковид-19, за тестирање и други превентивни здравствени мерки за населението кое има поголем ризик од вирусот.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден, која ќе започне со дистрибуција на средства во април за речиси 1.400 центри низ целата земја, најави дека тие центри исто така можат да ги користат средствата за подобрување на инфраструктурата и додавање мобилни единици.
Администрацијата на Бајден додава дека ќе издвои три милијарди долари за да се поттикне „доверба во вакцините“.
Средствата што ќе бидат распределени меѓу 64 области можат да ги користат руралните, верските организации, непрофитните организации за да помогнат во исхраната и сместувањето во многу сиромашни заедници, да воспостават контакти од врата до врата и да се обидат да ги едуцираат оние што ги исполнуваат условите за вакцина да закажат вакцинации.
Околу 300 милиони долари се издвоени за локалните здравствени служби за поддршка на превенцијата и контролата на Ковид-19 и дополнителни 32 милиони долари за обука, техничка помош и евалуација, соопшти Белата куќа.
Според универзитетот „Џон Хопкинс“, во САД од коронавирус починаа повеќе од 545.000 луѓе.