Во следните недели, може да се очекува натамошно зголемување на бројот на лица заразени со коронавирус во ЕУ, но не толку и на бројот на смртни случаи, изјави денеска еврокомесарката за здравство Стела Киријакидис.
Таа рече дека варијантата на вирусот, првпат откриена во Велика Британија, почнала да преовладува и е пронајдена во 25 од земјите на ЕУ. Варијантата од Бразил е идентификувана во девет европски земји, а јужноафриканската во 18, додаде Киријакидис. Според неа, ширењето на новите варијанти е главно поврзано со патувања.
Вкупно 19 земји од ЕУ пријавија зголемување на бројот на заразени, а пораст на бројот на хоспитализации се зголеми во 15 држави. Во осум ЕУ земји има зголемување во стапката на смртни случаи, рече Киријакидис. Според неа, се забележува ширење на варијанти на коронавирус, на кои можеби нема да влијаат досега одобрените вакцини.
Кога станува збор за вакцините, Европската унија денеска одлучи да воведе построги правила во однос на извозот на вакцини. Според овие правила, Европската комисија ќе забрани извоз во земји од кои не прима иста количина вакцини. Медиумите коментираат дека Велика Британија може да биде прва на удар.
ЕУ, исто така, испрати порака до членките кои извезуваат вакцини да преиспитаат дали извозот е оправдан.
Говорејќи на прес-конференција во Брисел, Валдис Домбровскис, извршен потпретседател на Европската комисија, рече дека сегашните упатства за извоз на вакцини се ажурирани за да ги вклучат принципите на „реципроцитет и пропорционалност“.
ЕУ соопшти дека извезла 10 милиони дози во Велика Британија, но не добила ниту една за возврат.
– Додека нашите земји-членки се соочуваат со трет бран на пандемијата и сите компании не ги исполнуваат своите договори, ЕУ е единствениот голем производител во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) што продолжува со голем извоз на вакцини во десетици земји, изјави шефицата на Комисијата Урсула фон дер Лајен
– Но, отворен пристап треба да се одвива во двете насоки. Затоа Европската комисија ќе воведе принцип на реципроцитет и пропорционалност во постојниот механизам за одобрување на ЕУ, рече Фон дер Лајен.