Производството на вакцини во Кина од февруари е зголемено повеќе од тројно, пренесуваат кинеските медиуми. Државните медиуми денеска објавија дека Кина произведува до пет милиони дози вакцина против коронавирус на ден, што е за трипати повеќе од 1 февруари, кога беа околу 1,5 милиони дози.
Во извештајот на новинската агенција Ксинхуа се вели дека кинеските производители досега испорачале над 100 милиони дози вакцини на домашниот пазар, а до понеделник се искористени околу 80,46 милиони дози.
– На 22 и 23 март се употребени 2,8 милиони дози и вакцинацијата се забрзува, потврди Фенг Зиџијан, заменик директор на кинескиот Национален центар за контрола и превенција на болести и најави дека се очекува вакцинацијата значително да се забрза од април.
Планот на кинеските власти е да се вакцинираат 40 проценти од 1,4 милијарди Кинези до средината на годинава.
Кина беше меѓу првите што започна да работи на вакцини против Ковид-19 и извезе милиони од нив.
Производителот на вакцини „Синовак Биотех“ во понеделникот објави дека обезбедил 160 милиони дози од својата вакцина за 18 земји и региони.