Транспарентност Македонија (ТМ) остро реагира на невистините и навредите изнесени од страна на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ по повод објавувањето на извештајот за месец мај.
„Ја информираме јавноста дека една од целите и активностите на ТМ преку спроведување на проектот „Транспарентност во финансирањето на политичките партии”, поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија, е зголемување на транспарентноста и отчетноста на политичките партии за редовното и изборното финансирање.
– Континуирано, трета година по ред, се следи и анализира оваа сива зона, односно конкретно се обидуваме да дадеме вистинска оцена на изборната кампања, законското потекло на средствата за финансирање и нивното наменско трошење и врз основа на тоа да укаже на слабостите и потребата од доуредување на законската регулатива.
– Во рамките на проектните активности, се анализира дали и кои организатори на изборни кампањи (политичките партии, коалиции и групи избирачи) пристапуваат кон исполнување на обврските кои им следуваат согласно Изборниот законик, во смисла на поднесување финансиски извештаи до надлежните институции и анализа на истите, дали се поднесени на начин и форма како што предвидува Законот и сл.
– ТМ изминатите две години објавува извештаи во кои се идентификувани сите неправилности и непочитувања на законските норми преку претходно анализирање на постапките за време на редовното финансирање од страна на сите политичките партии, и за време на изборното финансирање од страна на сите организатори на изборни кампањи.
– Истакнуваме дека ТМ, за разлика од државните институции задолжени за контрола на финансиите на учесниците во изборниот процес, во ниту еден момент нема селективен пристап при критикувањето на поедини политички партии, имајќи го предвид фактот дека нивните финансиски извештаи се јавно достапни на веб страниците на надлежните државни институции до кои се доставени, па следствено на тоа секој заинтересиран може да го увиде (не)легалното финансисирање на изборната кампања. Па така, за парламентарните избори во 2011 година, Државната комисија за спречување на корупцијата не ја загрижи разликата од 3,3 милиони евра меѓу приходите и расходите во финансискиот извештај од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, но затоа го смета за спорно финансирањето на СДСМ, кое се потпира на кредит земен од Комерцијална банка.
– Имено, владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ во наводите изнесени во своето соопштение објавено на информативниот портал ПлусИнфо, истакнува дека СДСМ за финансирањето на изборната кампања со кредит, добила кривична пријава од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата.
– Потенцираме дека Државната комисија за спречување корупција не е орган кој поднесува кривична пријава, туку може само да покрене иницијатива за кривично гонење до Јавното обвинителство, а конкретниот случај што го истакнува владеачката партија за кредитот на СДСМ сеуште нема судска разрешница.
– ТМ потенцираше дека постојат различни толкувања за тоа што се смета за дозволен вид на донација и постоењето на две спротивни толкувања покажува дека Изборниот законик има недоречености кои оставаат простор за злоупотреба. Па така, една од препораките на ТМ е воспоставување на недвосмислени процедури за примена на санкциите против прекршителите на правилата за финансирање.
– Се упатува апел до сите надлежни институции темелно и одговорно да си ја вршат својата работа во поглед на контрола на начините на финансирање на изборната кампања, со што многу лесно може да се влезе во сомнителните и нелегални извори на финансирање и да се оцени дали некоја политичка партија работи транспарентно, отчетно и во согласност со законските прописи“, велат преку соопштение Транспарентност Македонија.