Во Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел“ во скопската касарна „Гоце Делчев, денеска во присуство на минситерката за одбрана Радмила Шекеринска беше промовиран новиот софтвер за тестирање на знаењата на припадниците на Армијата и вработените во одбраната на англискиот јазик, согласно НАТО стандардот, СТАНАГ.
Како што нагласи Алкмина Димова Стоименова од СТАНАГ, од овој месец започнува официјалната употреба на компјутерскиот софтвер за тестирање по англиски јазик, со што ќе се овозможи сертифицирање поголем број персонал со соодветно ниво на познавање на англискиот јазик. Со тоа, истакна, ќе се придонесе кон исполнување на веќе поставените способности и побарување од НАТО, со што нашата држава ќе стане што повеќе компатибилна и интеоперативна во доменот на владеењето на англискиот јазик. За регулирање на овој нов компјутерски начин на тестирања, Димова Стоименова појасни дека претходело изработка и донесување ново упатство за начинот на постапување на специјалистите за јазично тестирање, како и изработка на нови насоки за компјутерсо полагање, што сите вработени имаат можност да ги прочитаат на веб страниците на МО и на Армијата и подетално да се запознаат со правилата и процедурите за компјутерското полагање.
За Армијата и за одбраната познавањето на, пред се англискиот јазик, потенцира министерката Шекеринска, е една од способностите што мораме да ја гарантираме како членка на НАТО. Голем дел од нашите офицери, старешни и војници, учествувале и ќе учествуваат во НАТО операции, а еден дел од нив, рече таа, ќе работат во командидте на НАТО, во центрите за обука и на различни други задачи кои подразбираат високо познавање на англискиот јазик. Преку веб страницата на МО и на Армијата со овој софтвер им се дава шанса на сите оние кои планираат да се тестираат за СТАНАГ, самите да го проверат своето познавање на англискиот јазик.
– Високото познавање на англискиот јазик, мора да биде правило, кое сите ќе го почитуваат, Не случајно во Законот за служба во Армијата воведовме правило според кое секое унапредување од мајор па нагоре, ќе има и дополнителен услов, а тоа е повисок степен на познавање на англискиот јазик, изјави Шекеринска, истакнувајќи дека бројот на тестирани секоја година ќе расте, а стандардите ќе бидат се повисоки.
Додаде дека и оние кои секој ден ќе работат во Армијата и во одбраната, голем дел од нивната задача ќе биде комуникација со НАТО колегите и затоа познавањето пред се на англискиот јазик, што е доминантен НАТО јазик присутен во Армијата на РС Македонија, е услов без кој не се може.
– Како институција не сакаме само да ги подигнеме стандардите, туку и да им помогнеме на сите припадници на Армијата и вработените во МО да ги постигнат тие стандарди. Јазикот е средство за комуникација, јазикот ќе биде и оценка на нашата способност, интероперабилност, меѓутоа јазикот е и област во која како Армија и како Министерство покажавме дека вложуваме, изјави меѓу другото Шекеринска.