Хрватскиот министер за здравство Вили Берош изјави дека верува оти околностите околу набавката на вакцините преку Европската комисија ќе се подобрат и додаде дека во спротивно Хрватска ќе се ориентира кон некои други производители.
Според него, Хрватска сè уште е ориентирана кон заеднички набавки преку Европската комисија и смета дека околностите ќе се подобрат, а во прилог на тоа зборуваат најавите на производителите на вакцини дека ќе ги зголемат дозите.
– Меѓутоа, ако не биде така, ќе мора да се ориентираме и да се организираме кон некои други производители. Хрватска оствари одреден контакт со руските здравствени власти и е добиена одредена документација, изјави Берош за ХРТ.
Тој, исто така, објасни дека ќе почне процесот на проценка во ХАЛМЕ и додаде дека во моментот не може да каже дали документацијата е комплетна и колку ќе трае постапката.
На прашањето дали е можно да се увезе во Хрватска руската вакцина Спутник без одобрение од ЕМА, тој објасни дека тоа е теоретски можно преку итен увоз, а на прашањето дали ќе го поддржи ако е потребно, тој одговори: „Доколку е потребно, јас лично ќе го поддржам затоа што тоа ќе значи дека механизмите на ЕК и ЕУ не успеаја, што верувам дека нема да се случи“.