Актуелниот светски првак Данска ќе биде без услугите на левиот бек на Фленсбург Ласе Милер за реванш натпреварот против македонската ракометна репрезентација в недела во Алборг, во рамки на четвртото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство.
Како што соопшти вечерва Данската ракометна федерација, 24-годишниот Милер ќе го пропушти мечот поради повреда на коленото.
На негово место, данскиот селектор Николај Јакобсен го повика дебитантот Николај Ласо од локалниот прволигаш Алборг.
Македонските ракометари вечерва го одржаа последниот тренинг во Скопје пред утрешното заминување за Алборг, откако вчера го совладаа светскиот и олимписки првак со 33:29.
Во македонската репрезентација, како што претходно денеска соопшти капитенот и селектор Кирил Лазаров, за реваншот против Данска ќе отсуствува кружниот напаѓач Стојанче Стоилов, поради повреда на грбот.