Меѓународниот олимписки комитет (МОК) одби да го признае изборот на синот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, Виктор, за прв човек на Белорускиот олимписки комитет (БОК).
Виктор Лукашенко на местото претседател на БОК го наследи својот татко Александар, кој со децении ја извршуваше функцијата.
МОК одби да го признае неговиот избор, потсетувајќи дека на Александар и Виктор Лукашенко им е забрането учество на олимписки игри, а двајцата, исто така, се исклучени од сите активности на МОК.
-МОК, исто така, со големо разочарување забележува дека Белорускиот олимписки комитет не ги заштити на соодветен начин белоруските спортисти од политичка дискриминација, соопшти МОК.
Александар Лукашенко, кој беше на чело на БОК од 1996 година, во август лани освои шести претседателски мандат што предизвика масовни протести на опозицијата.