Папата Франциск во ирачкиот град Мосул упати апел до христијаните во Ирак да ги опростат неправдите нанесени од исламските екстремисти и да продолжат да ја обновуваат земјата по долгогодишните меѓуверски судири.
Поглаварот на Римокатоличката црква обраќајќи се пред разурнатата црква Безгрешно зачнување истакна дека опростувањето е клучен збор за секој христијанин.
– Патот до целосно заздравување може да биде долг, но Ве молам да не бидете обесхрабрени. Тоа што е неопходно е да заборавите, но во исто време и да имате сила да не се предадете, истакна папата Франциск.
Христијаните беа принудени да ги напуштат своите домови откако екстремистите од Исламска држава зазедоа поголема територија во северниот дел на Ирак во летото 2014 година. Во ирачката северна провинција Нинив, чиј главен град е Мосул, уништени се вкупно 14 цркви.
Посетата на папата Франциск на Ирак завршува денеска со миса на стадионот во Ирбил, полуавтономна северна курдска област, на која се очекува да присуствуваат околу 10.000 луѓе. Тој утрово пристигна во Ирбил, каде беше пречекан од деца во традиционална носија, а едно дете беше облечено како папа.