Вакцини ќе снемаме за 5 дена, само половина од матичните лекари се пријавиле за вакцинација

Од:

Вакциналниот пункт во модуларната болница до Инфективната клиника веќе ја троши втората пратка од Србија во која има имаше 3510 вакцини. Откако е почната вакцинацијата, на 17 февруари, во просек се вакцинирале по 201 здравствен работник.

Досега се вакцинирани 3028 здравствени работници за кои е резервирана и втората доза од вакцината, па на располагање се уште 2134 вакцини, што значи дека со нив ќе можат да се вакцинираат уште 1067 здравствени работници.

Ако се вакцинира со исто темпо како досега, преостанатите вакцини ќе се потрошат за околу пет дена. Иако министерот за здравство Венко Филипче тврдеше дека еднаш кога вакцинацијата ќе почне, ќе нема застој, очигледно е дека сепак застој ќе има, со оглед на тоа што новонајавените количини од вакцината на „Фајзер“ би пристигнале кон крајот на месецов.

Србија ни испрати вкупно 8190 дози од вакцината на „Фајзер“, количина, која според Филипче, требаше да биде доволна за вакцинирање на здравствените работници кои се најизложени на вирусот.

Сепак, се уште има градови каде што вработените од здравствените домови не се повикани за вакцинација. Под здравствените домови спаѓаат здравствените работници од Брзата помош, кои според Националниот план за вакцинација, се во приоритетна група за вакцинација, веднаш после ковид-центрите.

Таков е, на пример, случајот со вработените во Брзата помош од Здравствен дом – Тетово.

„Се уште чекаме, но ќе се обратиме до Министерството за здравство за да видиме кога ќе бидат повикани колегите. Околу 60 проценти од вработените во Брзата помош сакаат да се вакцинираат, а кај останатите здравствени работници интересот е помал. Не знам зошто е тоа така, најверојатно се слушаат и гледаат најразлични информации и дезинформации во однос на вакцинацијата и кај дел од колегите преовладува извесен страв“, вели за „А1он“ Борислав Јоргаќиески, директор на Здравствен дом – Тетово.

Според првичните најави на министерот Филипче, денеска требаше да биде заокружено вакцинирањето на пријавените здравствени работници. Тој, на преземањето на првата пратка вакцини од Србија, најави дека ќе се вакцинираат по 260 здравствени работници дневно, а доколку има потреба и тој капацитет ќе се зголеми со отворање нови пунктови.

Но, капацитетот не само што не се зголеми, туку дневно се вакцинираа и по помалку од 200 лица и иако поминаа 15 дена, вакцините се уште не се потрошени.

Интересот за вакцинација кај здравствените работници не е задоволителен

Од завчера на вакцинирање се повикуваат матичните лекари кои се шеста група по приоритет во Националниот план за Ковид – 19 имунизација. Од Министерството за здравство соопштуваат дека од ординациите на матичните лекари, вклучувајќи ги и медицинските сестри, пријавени се 1288 заинтересирани за вакцинација.

Според Националниот план за вакцинација, 2500 матични доктори и друг здравствен персонал спаѓаат во оваа шеста група, што значи дека само околу половина од матичните доктори и медицинските сестри се заинтересирани да ја примат вакцината на „Фајзер“ против Ковид-19.

„Се уште немаме доволно информации околу вакцината, а и сметавме дека ќе имаме можност да направиме избор барем помеѓу две вакцини. Очекуваме дека во иднина евентуално би пристигнала кинеската вакцина Синофарм или пак руската Спутник, па од тие причини јас, а и дел колегите решивме да почекаме, иако го немаме прележано вирусот“, изјави за „А1он“ матична докторка од Скопје.

Во Здравствениот дом во Струга, на пример, се вакцинирале само 8 медицински лица. Во Охрид пак, ситуацијата е поразлична.

„Од Брзата помош се вакцинираа 25 здравствени работници, а неколкумина се откажаа, но пред се затоа што веќе имаа прележано Ковид-19. Сега се пријавија за вакцинација уште 7 луѓе кои работат на вакциналните пунктови“, вели Адел Зејноска, директорка на Здравствен дом Охрид.

Во Штип, од 30 лица вработени во Брзата помош, веќе се вакцинирале 25.

„Останатите беа заболени и само од тие причини не се вакцинираа. За останатите ќе видиме, очекувам барем половина од вработените да ја примат вакцината“, изјави за „А1он“ Снежана Захариева, директорка на Здравствениот дом во Штип.

Од Министерството за здравство денеска информираа дека производителот „Фајзер-Бионтек“ годинава на Македонија ќе ѝ испорача 800.280 дози вакцини. Според договорот, испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи месецов со 21.060 дози вакцини.

Преку Ковакс-механизмот се очекуваат и вакцините „Астразенека“, а засега нема информации за набавка на кинеската вакцина „Синофарм“ и руската „Спутник V“.

Би можело да ве интересира

Европската агенција за лекови ја препорача адаптираната бустер вакцина на Фајзер

Русија разви вакцина против новите варијанти на коронавирусот

Катерина Ѓуровски

Германец примил 87 вакцини против ковид

Војската на САД работи на моќна супер-вакцина против коронавирус

Четвртата доза ја зголемува заштитата од тешка форма на Ковид-19 за трипати покажува израелска анализа

Досега во светот се администрирани повеќе од девет милијарди вакцини против Ковид