Најмалку 23 државјанки на Канада починаа, а неколку стотини имаат здравствени проблеми поради користење на таблети за контрацепција на германскиот произведувач „Бајер“.
Лекарите и фармацевтите кои нус-појавите ги пријавиле до владината агенција за јавно здравје се сомневаат дека овие смртни случаи се поврзани со употребата на таблетите „Јаз“ и „Јасмин“, пренесе „Франс прес“.
Во извештајот се наведува дека околу 600 жени во Канада имале нус-појави, откако ги користеле овие таблети, а според податоците на владините агенции, 23 жени меѓу кои и едно 14-годишно девојче починале главно од последица на згрутчување на крвта.
„Бајер“ во судските спорови поврзани со овие таблети во САД веќе плати повеќе од една милијарда долари одштета.
Елена Георгиевска