Компанијата „Гугл“ побара од администрацијата на претседателот на САД Барак Обама дозвола да ги објави деталите за барањата на американската Влада за пристап до електронската пошта и други лични податоци на Интернет.
„Гугл“ го изнесе своето барање во писмо, кое вчера го испрати до државниот обвинител Ерик Холдер и директорот на Федералното истражно биро (ФБИ) Роберт Милер.
Компанијата се обидува да ги негира медиумските тврдења дека таа и го отворила патот на Националната безбедносна агенција (НСА) да пристапи до повеќе онлајн комуникации на нејзините корисници во рамки на тајната програма „Призма“.
Првите луѓе на „Гугл“ тврдат дека ништо не знаеле за „Призма“ додека не прочитале првпат за тоа минатата недела.
– Гугл нема што да крие, се наведува во писмото на компанијата, додавајќи дека располагаат со податоци со кои можат да ги поткрепат своите тврдења.
Американецот Едвард Сноуден (29), кој работел за приватна фирма ангажирана од американската НСА, во неделата преку британскиот весник „Гардијан“ јавно соопшти дека тој на медиумите им доставил податоци за интернет шпионирањето кое го спроведува американската Влада.
„Гардијан“ неколку дена претходно, а потоа и весникот „Вашингтон пост“, објави дека американската безбедносна агенција тајно, прекутелекомуникациската компанија „Верајзон“, собира податоци за сите комуникации кои се вршат во оваа мрежа во САД.
Исто така, откриен е и документ според кој американските власти целосно го следат интернетот и социјалните мрежи, читајќи ги сите пораки и електронски пошти кои циркулираат.
Обама ја потврди вистинитоста на овие информации, но сето тоа го бранел со борбата против тероризмот, објаснувајќи дека врз тајната програма постои судска и конгресна контрола и дека со тоа се заштитуваат американските државјани од потенцијални напади.