Несогласувањата во Скијачката федерација на Македонија (СФМ) продолжуваат, откако дванаесет клубови го напуштија денешното редовно изборно Собрание поради, како што наведоа, обид на привременото раководство да избере нов претседател, надвор од Статутот на федерацијата и Законот за спорт.
-Обидот за избор на претседател на нелегален начин дури и без базичната проверка на кворум, не е во интерес на развој на спорот и на спортистите, туку има за цел остварување лични интереси на одредени кругови, реагираа преку заедничко соопштение „Ски Клуб Полар“, „КОБНС Скии Рис“, „ФОКС Ски Клуб“, „К.Б.Н.Д Мирна Долина“,, „ЗСР Клуб 28“, „Ски Школа Љуботен“, „Шари Академи“, „АСК Скади Скопје“, „Ски Клуб Бистра – Гостивар“, „Ски клуб Љуботен“, „Ски школа Љуботен“ и „Сноу борд клуб Полар“.
Дванаесетте клубови, повикувајќи се на Статутот на СФМ, порачаа дека сите одлуки на изборното Собрание ќе ги сметаат за „незаконски и неважечки“.
-Целта за која се залагаат овие клубови, треба да ја делат сите спортски работници, а таа е работа на СФМ исклучиво согласно законите и во интерес на спортот. За жал, на Собранието се покажа дека намерите одат во сосема друга насока, па затоа овие клубови го напуштија Собранието и покрај добрата волја заеднички да се избере нов претседател согласно правилата на Федерацијата, се наведува во заедничкото соопштение.