„Допирот“ – втор меѓународен проект на Националната галерија

Од:

Националната галерија, во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“ го најавуваат интернационалниот проект под наслов „Допирот“, дел од „Ние сме тума: Идни екологии“. Овој е втор меѓународен проект на Националната галерија на уметничката сцена за 2021 година, куриран од Ана Франговска. Изложбата ќе се отвори на 15 септември во Мултимедијалниот центар Мала станица, а ќе биде придружена со голем број активности кои ќе се одвиваат преку цела година, како: панел дискусии, работилници, конференции итн.

Прва во низата активности кои ќе го промовираат проектот е вебинарот насловен „Екологија на мислата“, модериран и куриран од Ана Франговска, а на кој ќе земат учество седуммина учесници, и тоа: Небојша Вилиќ, Ивана Васева, Славица Јанешлиева, ОПА, Велимир Жерновски, Кристина Пулејкова и Елпида Хаџи-Василева. Учесниците на „Екологија на мислата“, сите плодни уметници и куратори на локалната визуелна уметничка сцена, ќе се осврнат на различни еколошки и политички прашања, чиишто процеси се во голема мера под влијание на начинот на кој човекот се однесува, експлоатира и ја уништува природата, брзо менувајќи ги условите за живот: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… и конечно, како и дали сето тоа се рефлектира или преточува во визуелниот јазик, како моќна алатка за подигнување на свеста. Вебинарот ќе се одржи на 4 март, во 18:00 часот, на платформата Microsoft Teams.

Македонскиот концепт на кураторката Ана Франговска е насловен „Допирот“ и се однесува на „смртоносниот“ допир на човекот кој остава зад себе, свесно или несвесно, голема штета на целата планета, нејзините живи видови и нивните живеалишта. Покрај изборот на дела со движечки слики од проектот НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти кои се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото итн., и тоа: Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева.

„Идни екологии“ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот „Ние сме тука: програма за уметнички движечки слики развиена од Британскиот совет и „Лукс“ (LUX), агенција за уметност со седиште во Лондон, која ги поддржува и промовира практиките на уметнички движечки слики. Секоја од програмите е курирана околу темата за национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање. НИЕ СМЕ ТУКА обработува дискурси за влијанието на оваа тема кај младите, но и кај етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика. Куратор на програмите е Тендаи Џон Мутамбу.

„Идни екологии“ се состои од компилација од 4 дела со движечки слики, и тоа (автори и наслови на делата): Uriel Orlow, Muthi, 2016; Louis Henderson, All That is Solid, 2014; Charlotte Prodger, LHB, 2017; Ben Rivers, Urth, 2016, сите сопственост на „Лукс“. Покрај претходните, направен е избор на уште две дела-инсталации, од кои во македонскиот концепт на проектот, во „Допирот“ ќе се вклучи и делото на Bedwyr Williams, The Starry Messenger, 2013.

– Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за движечки слики е да се придвижи кон првите разговори на тие клучни теми. Во основата на овој проект лежи размената со Велика Британија преку изложби и разни други поврзани настани наменети за пошироката публика, информираат од Националната галерија.

Проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска