Пет лица од Скопје учествувале во тепачката која вчера се случи во локалот „Трибека“ на булеварот „Илинденска“. Според сведочењата на гостите, пред да почнат да се маваат со столици и маси, лицата кои си размениле боксови, седеле заедно во локалот. По извесно време, наеднаш започнала драмата и настанал хаос. Полицијата постапувала по пријава, а уапсени биле сите лица.
„Од страна на полициски службеници од СВР Скопје се лишени од слобода Х.Ј.(20) и А.С.(27) двајцата од Скопје, а во врска со претходна пријава дека во угостителскиот објект дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу П.Ѓ.(28) од Скопје и Х.Ј.(20), по што А.С. (27) почнал да го крши инвентарот од угостителскиот објект“, велат од МВР.
Скопјанецот кој го кршел инвентарот, потоа нападнал и две девојки на возраст од 18 и 19 години. На едната од нив и го искршил и мобилниот телефон.
„На местото на настанот е извршен увид, известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, додаваат од МВР.
Сведоци на демолираниот локал биле и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат. Иако затекнале како толпа луѓе излегуваат од „Трибека“, инспекторите не можеле да констатираат дали имало прекршување на протоколите за заштита од коронавирусот.