Земјоделците не беа и не се на агендата на Владата. Кризата не се искористи за да се зајакне нивната улога. Целосно отсуствуваа мерки за индивидуалните земјоделци кои ги има во најголем број во земјата. Жените земјоделки заради историската дискриминација имаат помалку сопственост на свое име и помалку шанси да пристапат до финансии, но и помалку заштеди со што се поранливи да ја преживеат кризата, а ниту една од владините мерки директно и специфично не се однесува на нив. Ова мора да се исправи, беше речено на денешната презентација на најновата анализа што ја спроведоа Националната федерација на фармери (НФФ) и Центарот за истражување и креирање политики.
Според анализата, откажувањето на пласманот и договорениот откуп, намалениот обем на работа, отежнатиот пристап до репроматеријали и нивното поскапување, се само некои од последиците што ги предизвика КОВИД-пандемијата во земјоделството.
Речиси 46 отсто од вкупно анкетираните 70 земјоделци, рекле дека кризата многу влијаела и врз нивната заработувачка.
-Корона кризата во земјоделството ја истакна важноста и потребата од стабилен систем на храна што функционира во секакви околности и што е во состојба да обезбеди до потрошувачите доволно и континуирано снабдување со квалитетна храна по достапни цени. Пандемијата исто така ја истакна улогата на земјоделските производители во синџирот на снабдување со храна. Малите земјоделски производители се најранливата категорија, бидејќи тие истовремено мораат да се справат со шокот предизвикан од корона кризата, како од здравствен, социјален, така и од економски аспект. Глобалната криза всушност ги продлабочи проблемите со кои и онака се соочуваат земјоделците, особено оние кои се на работ на одржливост, рече претседателката на НФФ, Васка Мојсовска.
Кризата, додаде Мојсовска, само го зголеми обемот на работа на жените во руралните средини, а нивниот труд и натаму не е вреднува.
Извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристевска потенцира дека кризата претставуваше можност државите да ги помогнат домашните производители во услови кога синџирите на набавка се скратуваа.
-Сакаме да се нарекуваме земјоделска земја, но анализата на мерките за справување со вирусот покажа дека земјоделците не беа и не се на агендата на Владата. Кризата не се искористи да се зајакне нивната улога. Целосно отсуствуваа мерки за индивидуални земјоделци кои ги има во најголем број во земјата. Жените земјоделки заради историската дискриминација имаат помалку сопственост на свое име и помалку шанси да пристапат до финансии, но и помалку заштеди со што се поранливи да ја преживеат кризата, но ниту една од владините мерки директно и специфично не се однесува на нив. Ова мора да се исправи, порача Ристевска.
Според анализата, преку 61 отсто од испитаниците рекле дека состојбата предизвикана од пандемијата се одразила врз обемот на нивната работа. За најголем дел од македонските фармери (52.9 проценти) влошувањето на општите состојби негативно се одразило врз нивната работа особено преку откажување на пласманот и договорениот откуп на земјоделските и сточарските производи, а во значаен дел и поради страв од намалено конзумирање свежи земјоделски и сточарски производи заради праксата на карантин на почетокот од кризата и несигурноста на кој начин вирусот се пренесува.
Кризата ги зголеми обврските на земјоделките во домаќинството, а сето тоа негативно се одрази врз нивната посветеност кон работата. Пповеќе од 21 отсто од жените рекле дека го намалиле обемот на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот.
-Со рестриктивните мерки и затворањето на училиштата, обврските во домот и грижата за децата кои не одат во школо се претежно на товар на жената која воедно е земјоделка. Дополнително, овде спаѓаат и обврските за грижа за стари лица, како и одржување хигиена во домот. За разлика од нив, само 5,8 проценти од мажите имале намален обем на работа заради потреба од дополнителна грижа во домот, стои во анализата.
Анализата е спроведена во периодот мај – јуни 2020 година со цел, не само утврдување на КОВИД влијанието врз земјоделскиот сектор, туку и давање конкретни препораки за развој на јавните политики.