Конзервацијата и реставрацијата на црквата „Св. Власие“ во Штип e од особено значење за подобрување на туристичката понуда на овој град, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски, при денешната посета на штипско и новиот штипски градоначалник Сашко Николов. Реставрацијата на црквата се реализира во рамки на проектот „Културен мост низ вековите“, финансиран преку ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија.
-Денеска извршив прва посета на Штип на новиот градоначалник д-р Сашко Николов. Разговаравме за неговите планови и проекти коишто ги има за општината Штип и како ние како Министерството за локална самоуправа може да помогнеме преку нашите програми кои опфаќаат финансирање на урбани подрачја, специфични подрачја, финансирање на села. При посетата направивме и увид на градежните активности на археолошкиот локалитет Исар, каде што со проектот од Центарот за развој на Источен плански регион, се реконструира и се става во функција оваа културно-историска знаменитост во Штип, се подобрува пристапност до локалитетот преку изградба на патека и реконструкција на црквата „Св. Власие“ и нејзината околина, во висина од 90 илјади евра. Со задоволство можам да констатирам дека уште една туристичка атракција ќе ставиме во функција и со тоа ќе се збогати туристичката понуда на Штип, истакна Милевски.
Тој се надева дека и со Центарот за развој на Источен плански регион како и со општина Штип ќе продолжат успешно да соработуваат во иднина.
-Со министерот за локална самоуправа Милевски бевме во посета на археолошкиот дел на Исарот каде што се наоѓа црквата „Св. Власие“, каде во финална, завршна фаза е изградбата на пристапната патека која води кон ова археолошко место, каде што веќе се реконструирани темелите на црквата која датира некаде од 14-тиот век. Црквата претставува значителен историски момент за нашата општина и со пари добиени од Центарот за развој источниот плански регион заедно со Министерството овој проект успешно завршува и ќе бидеме желни како Општина за понатамошни проекти коишто ги разговаравме заедно со министерот. И во иднина општина Штип ќе црпи проекти коишто ќе бидат реализирани кај нас, изјави градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов.
Црквата „Св. Власие“ се наоѓа на археолошкиот локалитет „Исар“ и е откриена со археолошки истражувања од страна на стручен тим од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип во 2010 година. Градежните активности предвидуваат конзервација и реставрација на сите ѕидни платна со камен и опус со надѕидување до максимум 1,5 метри од ниво на теренот.
Подот ќе се реставрира по целата негова површина со камени плочи. Вториот дел од проектот претставува изградба на пристапна патека кон црквата од западната страна, во должина од 146 метри којашто целосно ќе биде изработена од камен. Третиот дел на проектот опфаќа осветлување на пристапната патека и на црквата „Св. Власие“ со украсни канделабри. Во рамките на проектот ќе се реализираат и обуки за туристички водичи како и обуки за управување со културни настани и културно наследство.