Пратениците на СДСМ денеска не учествуваа во расправата по законите за продажба на државно земјоделско земјиште и прекинување на бременост поради тоа што, како што рекоа, тие не се во интерес на македонските граѓани.
– СДСМ нема да учествува во расправата на ова седница од едноставна причина заради тоа што не сакаме да учествуваме во самоволието на ВМРО-ДПМНЕ и на владејачката структура во носењето на овие два исклучително значајни законски проекти за Република Македонија и за нејзините граѓани. Пред се заради тоа што сметаме дека не се водат од интересите на граѓаните туку исклучиво од тесно партиски интереси и на интереси на мала група на луѓе во раководство и околу раководство на партијата, рече Оливер Спасовски заменик координатор на пратеничката група на СДСМ.
Со законот за продажба на државно земјоделско земјиште, сметаат во СДСМ, од распродажбата би имала интерес тесна група на луѓе во раководството и околу раководството на владејачката партија, без да се води сметка за вистинските земјоделци.
Спасовски истакна дека при носењето на законот за прекинување на бременоста власта не водела сметка за уставното начело на правото на избор, на почитувањето на човековите слободи и права.
Спорно за СДСМ е и тоа што и двете законски решенија се носат во скратена постапка.