Најмалку 40 лица денеска загинаа во сообраќајна несреќа во Индија кога автобус во кој имало 60 патници, падна од мост во канал.
Автобусот излетал од патот во Маџа Прадеш, при што седуммина од патниците, вклучувајќи го и возачот, успеале да допливаат до брегот. Спасувачките екипи ги бараат преостанатите патници, пренесе Би-Би-Си.
Според изјави на сведоци, до несреќата дошло кога возачот изгубил контрола врз возилото по што тоа ја пробило заштитната ограда на мостот и паднало во каналот.
Индискиот премиер Нарендра Моди на Твитер изрази сочувство до семејствата на жртвите и најави дека тие ќе добијат обесштетување.
На патиштата во Индија секоја година животот го губат околу 150.000 луѓе, а најмногу поради неприлагодената брзина на условите на патот и несовесно возење.