Две групи на демонстранти се пред општината Центар. Групата организирана од „Веритас“ ја окупира влезната врата од дворот, каде што се држат седници на советот.
Меѓу присутните се и вработени и во јавната и државната администрација и граѓани најмалку од општина Центар. Дојдоа со исти пароли и со ист манир на однесување како во петокот.
Извикуваат, навредуваат и користат сирени. Седницата е закажана за во 13 часот и на неа нема точка на дневен ред со која се предвидува стопирање на изградба на црквата Св. Константин и Елена
Претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ во текот на вчерашниот ден телефонски го известил координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека денеска ќе се одржи седница, а денеска советниците прво добија известување со смс пораки.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ одбија да ги примат и писмените покани за одржување на седницата.
Вратите на Општината се заклучени за да не може да дојде до насилно упаѓање на демонстранти како што се случи во петокот, но ова е преземено по барање и укажување на полицијата.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски ги демантира информациите на еден информативен сајт, дека на еден од вработените му се слошило, а тој не дозволил да излезе надвор.
Жерновски ги замолува да посочат за кој вработен се работи за да може веднаш да му биде пружена итна медицинска помош.