Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Филип Коснет, им честита на косовските граѓани за учеството на вчерашните вонредни парламентарни избори и порача дека со нетрпение очекува да работи со новата влада.
Коснет преку неговата официјална страница на Твитер порача дека неговата земја и по овие избори ќе продолжи со поддршката на Косово.
– Честитки за граѓаните на Косово, кои покажаа посветеност на демократијата и визија за иднината. САД остануваат со Косово – и со нетрпение очекуваме да работиме со новата влада, веднаш откако таа ќе се формира, за остварување на нашите заеднички цели за мир, правда и просперитет, напиша Коснет.
Апсолутен победник на вчерашните избори е досега опозициското Движење самоопределување (ВВ) на Албин Курти, со 47,88 отсто од гласовите, со тоа што се уште не се преброени гласовите на дијаспората, која традиционално на последните изборни процеси гласа за ВВ, така што може да се очекува негова уште поубедлива победа.