Британската Влада денеска соопшти дека 15 милиони луѓе ја примиле првата доза од вакцината против коронавирусот.
Според Гардијан, Владата соопштила дека ја постигнала својата цел до средината на февруари со најмалку една доза да вакцинира четири групи луѓе за кои се смета дека се најранливи на коронавирусот.
Четирите приоритетни групи беа повозрасни жители на домови за грижа и персоналот во домовите, лица на возраст над 80 години и здравствениот персонал од првата „борбена“ линија, луѓето на возраст од 75 години и повеќе; и оние на возраст од 70 години и повеќе, и луѓе кои се клинички исклучително ранливи, пишува весникот.
Првичната цел беше да се обезбедат првите дози за корисниците на домови за стари лица и персоналот до крајот на јануари, што беше скоро исполнето, додека следната цел беше да се заштитат сите четири групи до 15 февруари. Министрите потоа објавија дека целта е да се вакцинираат сите девет главни приоритетни групи, кои ја сочинуваат првата фаза од програмата за вакцинација, пред почетокот на мај.
Следните пет групи се лица постари од 65 години, стари меѓу 16 до 64 години кои се сметаат за ранливи, а потоа постари од 60 години, 55 и 50 години.
Иако не е поставена никаква формална цел, вакцини треба да им се понудат на сите возрасни до есен, иако дотогаш можеби ќе биде потребен трет круг на „засилени“ вакцини за борба против новите мутации на Ковид-19.