Автомобил бомба денеска експлодира во Могадишу пред комплексот на сомалискиот Парламент, во близина на претседателската палата, соопшти локалната полиција.
Според претставниците на полицијата, бомбата експлодирала во близина на утврдената зелена зона во главниот град на Сомалија, околу 9:00 часот по локално време, пренесува Си-Ен-Ен.
Автомобилот полн со експлозив го пробил контролниот пункт пред хотел кој е омилен меѓу владините претставници, пратениците и градската елита.
Бомбата била активирана на безбедносен пункт веднаш до седиштето на Националното собрание, откако полицајците почнале да пукаат кон автомобилот, изјави полициски службеник.
Неколку лица загинале, но полицијата не го соопшти точниот број на жртви.
Ова е втора голема експлозија во главниот град на Сомалија во последните неколку недели. Пет лица и четворица напаѓачи беа убиени на 31 јануари за време на напад врз хотел.