Кипарскиот министер за одбрана Фотис Фотиу потврди дека на морското дно во регионот на Зиги, покрај Лимасол има големо количество муниција, која е потопена во периодот меѓу 1980 и 1993 година и која претставува закана за жителите, риболовот, животната средина, но и за инфраструктурата поврзана со природниот гас.
Извештајот за ова прашање бил изготвен од Генералштабот на Националната гарда на Кипар на барање на Обединетите нации, со оглед на тоа дека постои опасност од голема експлозија.
Кипарскиот министер изјави дека Владата во Никозија донела одлука за назначување експерти, кои ќе ја проценат ситуацијата и ќе предложат мерки за итно дејствување.
Тој појасни дека Никозија е во контакт со владите на Израел и Грција, кои се подготвени да помогнат по ова прашање.
Муницијата била потопена во тој регион, бидејќи во близина имало полигон, а според податоците на Националната гарда на морското дно има 167 видови муниција во големи количини, меѓу кои гранати, мини, ракети и куршуми.