Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека неговиот претходник Доналд Трамп не треба да има пристап до разузнавачки извештаи поради неговото „непредвидливо однесување“, пренесува Би-Би-Си.
Во интервјуто за Си-Би-Ес Њуз, Бајден одби да каже што смета за најлошо сценарио што може да се случи ако Трамп добие пристап до доверливи документи, но посочи дека верува оти не може да му се верува на неговиот претходник дека ќе ги чува овие информации за себе.
– Мислам дека нема потреба тој да добие пристап до извештаите на разузнавачките служби, рече Бајден.
– Која е вредноста на тоа тој да има пристап, освен тоа што би можел да пренесе нешто од тоа, праша американскиот претседател.
Во САД е вообичаено да им се дозволи на поранешните претседатели да добиваат извештаи од разузнавачките служби за да бидат информирани за националните безбедносни прашања, како акт на учтивост на актуелниот претседател.