Најголем број активни случаи на коронавирусот има во скопските општини Аеродром, Кисела Вода и во Гази Баба, а од општините надвор од Скопје, најголем број заразени лица од коронавирусот има во Охрид, покажуваат последните податоци на Министерството за здравство, кои ги побара „А1он“.
Во земјава во моментов има 7717 активни случаи на Ковид-19.
Од скопските општини, во Аеродром има 566 заразени, во Кисела Вода 543, во Гази Баба 541, во Центар 514, во Карпош 512, во Ѓорче Петров 413, а во Чаир 207. Охрид е на врвот од општините надвор од Скопје по бројот на активни случаи – 350, потоа следува Куманово со 312 заразени од коронавирусот и Кавадарци со 274 случаи.
Во прилог се податоците на активни случаи на Ковид-19 според општини.
Бројот на активни случаи на заразени од коронавирусот во последниов месец е видно намален, но бројот на смртни случаи се уште е висок. Ако се споредат статистиките на Министерството за здравство од 1 јануари и од 1 февруари годинава, бројот на активни случаи е намален за 11.524, а бројот на смртни случаи е зголемен за 356 луѓе.
Ова значи дека во просек дневно, во јануари, во земјава умирале по 11 луѓе како последица на коронавирусот.