Бројот на активни случаи на заразени од коронавирусот во последниов месец е видно намален, но бројот на смртни случаи се уште е висок. Ако се споредат статистиките на Министерството за здравство од 1 јануари и од 1 февруари годинава, бројот на активни случаи е намален за 11.524, а бројот на смртни случаи е зголемен за 356 луѓе.
Ова значи дека во просек дневно во земјава умирале по 11 луѓе како последица на коронавирусот.
За еден месец, во јануари, над 20.000 лица се водат како излекувани од Ковид-19.
Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги предвид индикаторите на СЗО, земјава сè уште е во фаза 4, односно широко распространета трансмисија во заедницата, со подниво 3, односно со умерени капацитети за одговор.
Во просек околу 30 отсто од заразените имале хронични болести, од кои најголем дел имале кардиоваскуларна болест, потоа дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест и други хронични болести.
Од хоспитализираните случаи, пак, кај над 63 отсто биле присутни коморбидитети.