Бугарската полиција го приведе специјалецот Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешкоски, потврдуваат од МВР за „А1он“. Спасов бил приведен попладнево во Софија, откако по него беше распишана меѓународна потерница пред година и три месеци. Осудениот за убиството на Нешкоски е спроведен во притвор, по што, ќе треба да биде екстрадиран во Македонија.
Поранешниот специјалец Спасов е осуден на казна затвор од 14 години за убиството на Мартин Нешкоски, а кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори во 2011 година.
Казната затвор ја издржуваше од 2011 година, а му беше ставена во прекин во 2018 година поради здравствени проблеми. Потоа, тој избега. Спасов требаше да се јави во затворот „Идризово“ на 18 октомври 2019 година. Спасов се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, крајот на октомври 2019 година МВР распиша меѓународна потерница по него.
По неговто бегство, кружеа шпекулации дека тој е во Турција, но и дека во акцијата се вмешани полициски службеници. Јавното обвинителство во Штип, во 2019 отвори и истрага за да утврди кој се е вмешан, но и како Спасов успеал да ја напушти државата.