Со кредитот од Светска банка ќе се набавува „чудотворниот лек“ за Ковид-19 со кој се излекува Доналд Трамп

Од:

За лекување на болните од Ковид-19, Министерството за здравство го нарачало коктелот на американската компанија „Регенерон“ со кој од коронавирус во октомври мината година беше излекуван поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Тој во видео-порака од воената болница „Валтер Рид“ соопшти дека го лекуваат со „чудотворен лек“ кој тогаш беше во експериментална фаза.

Министерството за здравство ја почнало административната процедура за набавка на лекот.

„Министерството за здравство во средата испрати писмо, преку заедничкиот механизам за набавка на ЕУ и аплициравме за терапијата на американската компанија ’Регенерон’. За прв пат во нашата земја ќе стигне терапија за Ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земи, ќе биде и кај нас. Лекот ќе биде набавен со помош на кредитот од Светска Банка“, велат од Министерството за здравство.

„Регенерон“ неделава објави студија која покажува дека нивниот коктел делува и на мутациите на вирусот

Коктелот на американската биотехнолошка компанија „Регенерон“, според досегашните објави во медиумите, содржи комбинација од две специјално развиени антитела кои се врзуваат со „заразниот“ протеин на коронавирусот и на тој начин ја деформираат неговата структура, спречуваат да ги нападне човековите клетки и да се развива. Инјектирањето на антителата може да помогне во спречување тешки заболувања кај пациенти во рана фаза.

„Регенерон“ неделава објави студија која покажува дека нивниот коктел делува и на мутациите на вирусот, откако тестови на две различни варијанти на коронавирус покажале дека едно од двете антитела може да ги неутрализира двете мутации.

„Како што очекувавме, вирусот продолжува да мутира и овие податоци ја покажуваат континуираната способност на REGEN-COV да ги неутрализира појавените соеви, што дополнително го потврдува нашиот пристап кон заразните болести со коктел со мулти-антитела“, изјави претседателот на „Регенерон“ Џорџ Јанкопулос за американските медиуми во средата по објавата на податоците од последната студија.

Министерот за здравство Венко Филипче не одговори на прашањето од „А1он“ колку дози од овој лек ќе бидат набавени. Коктелот важи за еден од поскапите лекови, а 200.000 дози од овој лек нарача и Германија чиј министер за здравство, Јенс Шпан,  кажа дека нив лекот ги чини 400 милиони евра.

„Од следната недела, Германија ќе стане првата земја во ЕУ, во која ќе се користи овој лек. Федералната Влада купи 200.000 дози за 400 милиони евра, што изнесува 2.000 евра за една доза“, рече германскиот министер за здравство Шпан во неделата.

Кај нас е извесно само дека коктелот ќе се плати со кредитот од Светска банка за брзо закрепнување од кризата, кој со месеци, по одобрувањето во март, беше непотпишан, а Собранието го изгласа во октомври. Кредитот е 90 милиони евра од кои 34,05 милиони се за Министерството за здравство, а останатите се за Министерството за труд и социјала и за Агенцијата за вработување.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски