Примарната превенција од ракот на грлото на матката е вакцинација со ХПВ вакцина. Постојат неколку типа на ХПВ вакцини, двовалентна, четиривалентна и деветовалентна. Секундарна превенција претставува скрининг за цервикален карцином, вели проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.
Скринингот, како што посочува, се спроведува со правење на ПАП тест и/или ХПВ типизација, во зависност од скрининг програмата и политиката на земјата во која се изведува,
– Главен причинител за настанување на ракот на грлото на матката е инфекција со ХПВ. Ризик фактори за настанување на ракот се, покрај ХПВ инфекцијата и: пушење цигари, менување на повеќе сексуални партнери, рано стапување во сексуални односи и мултипни породувања. При констатирање на инфекцијата, пациентките треба да преземат неколку чекори со кои можат да ја подобрат својата здравствена состојба: подобрување на имунолошкиот одговор, користење на презерватив и редовни цитолошки контроли и почитување на советите од гинекологот, вели проф. д-р Димитров.
Министерството за здравство соопшти дека во 2019 година го осовремениле календарот за имунизација и обезбеди четиривалентна ХПВ вакцина.
Оваа вакцина штити од четири типови на хуман папилома вирус и ја замени дотогаш користената двовалентна вакцина. Се намалува бројот на жени со тешка форма на рак на грло, како што се плочестиот карцином суспектен за инвазија и инвазивниот плочест карцином. Ова се должи на здравствените политики кои ги имплементира Министерството за здравство за рано и навремено откривање на ова заболување, со што се придонесува за намалување на стапката на смртност од ова заболување, стои во соопштението.