Официјален Техеран денеска потврди дека овој месец го надминал договореното производство од 17 килограми збогатен ураниум до 20 проценти, со што нуклеарната програма на земјата се приближи до нивото на оружје во екот на зголемените тензии со САД, пренесуваат американските медиуми.
За време на денешната посета на нуклеарната централа Фордо, претседателот на иранскиот Парламент, Мохамед Багер Калибафа, за државната телевизија изјави дека научниците ги надминале плановите за помалку од еден месец, со произведени 17 килограми збогатен ураниум до 20 проценти.
Телевизијата соопшти дека Иран претходно најавил дека годишно ќе произведува 120 килограми 20-отстотно збогатен ураниум или месечно во просек по 12 килограми, така што произведените 17 килограми значат надминување на таквиот план.
За да биде искористен за атомска бомба ураниумот треба да биде збогатен до околу 90 проценти. Меѓутоа, научниците тврдат дека откако ураниумот е збогатен на 20 проценти, времето потребно за да се достигне 90 проценти е двојно помало, а за да се добијат 25 килограми ураниум збогатен до 90 проценти потребни се приближно 250 килограми ураниум збогатен до 20 проценти, пренесуваат американските медиуми.
Западните држави го критикуваа иранското збогатување на ураниумот и го повикаа Техеран да се придржува до нуклеарниот договор од 2015 година, од кој Доналд Трамп еднострано ги повлече САД во 2018 година, а новиот претседател Џо Бајден навести дека неговата земја може повторно да се придружи кон договорот.