Се наоѓаме во третата седмица од карантинот што беше воведен на 10 јануари 2021 година, а подобрувањето на епидемиолошката слика ни дозволува, постепено да започнеме со олабавување на рестриктивните мерки, соопшти министерот за здравство на Кипар Константинос Јоану, јави дописничката на МИА од Атина.
Од понеделник 1 февруари ќе почнат со работа берберниците, фризерските и козметичките салони, од 25 на 50 отсто ќе се зголеми бројот на вработени со физичко присуство во приватниот сектор, а продолжена е забраната за собири во домовите, со исклучок на посета на најмногу две лица доколку станува збор за роднини од прв и втор степен.
Една седмица подоцна во училишните клупи ќе се вратат учениците од основните училишта и матурантите, ќе се отворат продавниците, моловите и трговските центри, обложувалниците, музеите и археолошките локалитети, црквите, а во домовите се дозволени посети на најмногу четири лица.
Паралелно и понатаму во сила ќе биде полицискиот час и задолжителното испраќање СМС пораки за движење на граѓаните.
Министерот за здравство на Кипар истакна дека на сите оние кои ќе се вратат на работа ќе им се направат брзи тестови, а од понеделник ќе биде задолжително за сите компании секоја седмица да тестираат 20 отсто од вработените.
Во однос на процесот на вакцинација, Јоану посочи дека интересот е поголем од очекуваниот, а целта е до почетокот на март да бидат вакцинирани лицата над 80 години и здравствените работници што се во првите редови во борбата со пандемијата, а до крајот на март вакцината да ја примат 100.000 граѓани.