На социјалната мрежа Инстаграм се огласи Ана, 28-годишна девојка која била жртва на таканаречената „Јавна соба“ на Телеграм, каде што илјадници членови споделуваат експлицитни фотографии, па дури и видеа од девојчиња од Македонија, без нивна дозвола. Во тајната група на Телеграм се споделуваат и телефонски броеви на девојките, со вулгарни коментари.
Таков бил случајот и со Ана, кога одредено лице објавило нејзина фотографија од нејзиниот летен одмор, со недоличен коментар, а објавен бил и нејзиниот телефонски број. Фотографијата ја виделе илјадници членови на групата, а таа видно вознемирена зборува за настанот и за глувоста на институциите да ја заштитат.
View this post on Instagram
„Не сакам веќе никој да страда од вакви работи. Јас после објавата почнав да добивам пораки и повици на мојот телефон, не знаев што се случува. Наредниот ден добив принт-скрин од мојата фотографија која освен на Телеграм, се проширила секаде. Се испаничив, се преплашив. Отидов во Одделот за сајбер криминал во МВР да пријавам, им ги кажав со име и со презиме луѓето кои ми ѕвонеа и пишуваа. Кога слушнаа дека имам 28 години, ми рекоа дека законот во нашата држава е за малолетници и дека во мојот случј ништо не можат да направат. Понатаму не знаев каде да се обратам, изгубив секаква надеж. Едноставно не постои правда, ние немаме никаква заштита. Токму затоа што немаме закон, луѓето се осмелуваат да направат вакви работи. Решив да го продолжам животот понатаму, но пораките и повиците не престанаа. Потребен ни е закон кој ќе не штити, бидејќи очигледно дека секој еден може да објави и напише за нас што сака“, вели Ана во видео-пораката.
Таа им се обраќа и на сите девојки кои поминувале или поминуваат низ истото.
„Ова не е ваш срам, ова е срам на друг кој сака да ви наштети. Главата горе, немојте да дозволите да паднете психички, не сте вие виновни што сте одлучиле да постирате фотографии и да користите социјални мрежи“.