Во Крушево одбележани 40 години од раѓањето на Тоше

Од:

Со спомени, сеќавање, тага и незаборав, во Крушево и на Гумење денеска беа одбележани 40 години од раѓањето на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, за хуманиот човек со големо срце, на еден од најголемите амбасадори на земјава – Тоше Проески.

Тоше трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Поради пандемијата, на годинешното одбележување изостанаа музичките настани, крводарителската акција, но неговите фанови и поддржувачи, неговото Крушево, не заборавија да му оддадат почит на Тоше. Велат, тој има само ден на раѓање и, иако го нема, присутен е во мислата на сите.

Почитувачите од Крушево, од земјава, маратонците кои трчаат секоја година во чест на Тоше, од Хрватска му оддадоа почит на неговото гробно место на Гумење. Не изостана ниту роденденската торта.

Стела Прислан Фујс од Хрватска не пропушта да дојде. За последните месеци дури трипати. И без разлика што по враќањето мора да го помине карантинот, или да се тестира. Тоше е единствен, вели Стела која на сите им нудеше спомени за Тоше и роденденска торта.

-Таква големина не се раѓа секој ден, секоја година, ниту за еден век. Вие во Македонија треба да бидете горди што го имавте, но тој е светски, не е само ваш, вели Стела Прислан Фујс од Хрватска.

Јован Илијоски го поздравува фактот што на новото спомен обележје стои годината на раѓање на Тоше, а до неа – прашалник.

– Тоа покажува дека Тоше е ѕвездата која не згаснува. Таква големина, музички талент, огромно срце со љубов за сите е реткост. Тој останува со нас, вели Илијоски.

Пет маратонци, кои секоја година го трчаат маратонот од Нова Градишка, Хрватска, до Крушево, и денеска беа на Гумење. Наум Капрически вели дека почитта спрема Тоше е голема привилегија.

– Тоше ќе живее сѐ додека е жив споменот за него. А тоа значи засекогаш. Затоа тој има само ден на раѓање, уверено вели Капричевски.

Од спомен-куќата „Тодор Проески“ нагласуваат дека манифестациите во пандемијата изостанаа поради почитувањето на здравствените мерки. Но и во пандемија, лани куќата-музеј ја посетиле околу 15.000 гости.

Крушевскиот градоначалник Томе Христоски вели дека достоинствено се чествуваат значајните датуми и сѐ што е поврзано со нивниот сограѓанин, големата музичка ѕвезда, уште поголемиот човек со златно срце.

– Достоинствено го одбележуваме 40-от роденден на Тоше. Кога ќе заврши пандемијата, се надеваме наскоро, ќе продолжиме со сите настани, музички, културни, спортски. Да напоменам дека Крушево има потпишано и меморандум за соработка со Нова Градишка за негувањето на споменот на Тоше, вели Христоски кој напоменува дека напролет штом ќе дозволат условите, ќе се направат потребните поправки на спомен обележјето на Гумење кое е изградено есеноска. Тоа ќе значи дека овој објект ќе добие и технички прием.

Би можело да ве интересира

Во Крушево маратонците и обожавателите одбележаа 17 години без Тоше Проески

Седумнаесет години без Тоше Проески

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

(ВИДЕО) Параглајдеристот кој имаше несреќа во Крушево заминува дома

Повреден параглајдерист во Крушево, се пренесува со полициски хеликоптер

Крушево: Отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“