Швајцарскиот скијач Урс Криенбил, кој денеска имаше страшен пад на познатата патека за спуст Штрајф во австрискиот ски-центар Кицбил, има тежок потрес на мозокот и скршена клучна коска, како и скинати лигаменти на десното колено, но не е во животна опасност, соопштија лекарите.
Криенбил ја загуби рамнотежата на последниот скок од спустот при брзина од 147 километри на час, удирајќи со главата во патеката, пред да влета во целта и да остане неподвижен на снегот, пред запрепастените гледачи.
На вознемирувачката снимка може да се слушне стравот во гласовите на коментаторите по падот на 26-годишниот скијач, а тие потоа буквално занемеа од страотната глетка, не знаејќи дали Криенбил е воопшто жив.
Трката веднаш беше прекината, а скијачот беше префрлен со хеликоптер во болница.
Патеката Штрајф е најпознатата, но и најопасната во спуст-трките во Светскиот куп и на неа често се случувале падови со тешки повреди, а неколкумина скијачи и загинале спуштајќи се по речиси вертикалните падини на планината Ханекам.