Меѓу многуте снимки и коментари за вчерашната инаугурација на новиот американски претседател Џо Бајден, еден детаљ го привлече вниманието на корисниците на социјалните мрежи.
На Твитер се појавија извадоци од директниот пренос на церемонијата од Вашингтон, а и фотографии, на кои изгледа како поранешниот претседател Бил Клинтон, кој беше меѓу почесните гости, да задрема додека го слушаше инаугуративниот говор на Бајден, и тоа на самиот почеток на говорот.
Вчерашната свеченост во Вашингтон беше единствена по многу нешта: на неа, кршејќи ја вековната традиција, не се појави досегашниот претседател Доналд Трамп, таа се организираше во време на пандемија, со забрана за традиционалните големи собири, а мерките за безбедност беа на највисоко можно ниво, по упадот на приврзаниците на Трамп во зградата на Конгресот на 6 јануари.