Изложувањето на сонце три пати неделно по 20 минути спречува срцев удар, истакнува професорот Намик Кемал Ериол од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Кајсери.
– Изложувањето на сонце три пати неделно по 20 минути ги задоволува потребите на организмот со витамин Д, и на тој начин се спречува срцев удар, вели др. Ериол.
Тој, меѓутоа, напомена дека долготрајното изложување на сонце во детството го зголемува ризикот од рак на кожата.
Укажувајќи на тоа дека губењето течности и соли предизвикано со потењето кај лицата на постара возраст кои страдаат од хипертензија и срцеви заболувања е многу опасно, др. Ериол истакна дека ова се случувало бидејќи ризичните групи долго се изложувале на сонце во погрешен период од денот.
– Сонцето е природен извор на витамин Д кој е потребен на човековиот организам. Недостигот на овој витамин може да предизвика хипертензија, метаболички синдром, дијабетес, артериосклероза и срцеви заболувања. Лицата кои живеат во индустриски зони се принудени поголем дел од времето да престојуваат во затворен простор, далеку од сонцето. Лицата кои на постара возраст мора да бидат на диета преку храната не внесуваат доволно витамин Д и на тој начин можат да го зголемат ризикот од болести, вели турскиот професор.
Тој предупреди дека со доаѓањето на летните месеци треба да се води сметка во кој период и колку се изложуваме на сонце.
Периодот кога сончевата светлина не е штетна за човековиот организам е до 11 часот претпладне и периодот по 16 часот, и доколку во тој период се изложуваме на сонце ќе ја добиеме потребната количина витамин Д.
– Сонцето е природен извор на живот и треба да се земат предвид предностите на сонцето, а не само неговото негативно влијание. Јавноста би требала да биде запознаена и со користа која организмот ја има од сонцето и тоа дека може да спречи болести на модерното доба како што се дијабетес, хипертензија и срцев удар, тврди професорот Ериол.