Стотина ученици, претставници на општинската администрација и вработени во комуналното претпријатие денеска започнаа еколошка акција за чистење на брегот на Мавровското Езеро.
Иницијаторот на акцијата, локалната самоуправа Маврово-Ростуше, информира дека годинава покрај излетничките места околу езерото, ќе се собира комунален отпад и од паркинзите и плоштадите во село Маврово.
– Акцијата ја организираме по петти пат и е дел од подготовките за манифестацијата „Маврово-тур“ која ќе се одржи идниот викенд. Покрај ова, акцијата има за цел да ја подигне свеста за зачувување на животната средина и однесувањето во национален парк, каде односот кон природата е на повисоко ниво, изјави Мукрем Мехмеди, градоначалник на општина Маврово-Ростуше.
Се очекува да бидат собрани над 500 вреќи со отпад. Еколошката акција ја поддржаа и Националниот парк „Маврово“ и Јавното комунално претпријатие.