Дали се подготвува воен удар во Франција на повик на „ројалистите“ или станува збор само за фантазии објавени во денешниот број на францускиот дневен весник „Опинион“ (Мислење).
Како што јави дописникот на МИА од Париз, „Опинион“ открива дека една ројалистичка група, која се претставува како „Француска пролет“, ги повикува офицерите-католици да извршат државен удар.
Ваквите тврдења доаѓаат во време на раздвижување на духовите во воените кругови, по гласините дека офицерите и нивните семејства кои беа ангажирани во движењето против хомосексуалните бракови, биле ставени на посебни листи од страна на масоните.
Повикот на ројалистите за државен удар е испратен во ревијата „Арсенал“, кој е поврзана со една екстремно десничарска група на приврзаници на Шарл Морас наречена „Црн Лилјан“ (лилјанот е смболот на француското кралство). „Арсенал“ наведува дека оние кои со одмавнување со раката ја отфрлаат можноста за воен удар во Франција, треба да се преиспитаат и да сфатат дека државен удар може повторно да се случи.
Фантазија, која според весникот „Опинион“, може да загрижува, бидејќи таа се потхранува со очигледно незадоволство или повеќе непријатно чувтсво кај еден мал дел од војската.
Француската екстремна десница за своја цел ги има офицерите „традиционални католици, шокирани од хомосексуалните бракови и од бројноста на масоните во опкружувањето на министерот за одбрана Жан-Ив ле Дриан“.
„Арсенал“ натамукако потенцијални извршители на воен удар ги посочува генералите Беноа Пуга, Пјер Вилие и Бруно Дари, кои ги нарекува „триото за кое сонува Црниот Лилјан“.
Пуга е шеф на Дирекцијата за воено разузнавање, чиј брат е католички свештеник, Вилие е брат на европратеникот суверенист Филип де Вилие, а Дари, кој е поранешен воен гувернер во Париз, застана на страната на противниците на истополовите бракови.
Тројцата високи офицери се познати и по нивните традиционалистички католички позиции, но немаат никакви врски со групата „Црни Лилја“, иако барем засега не реагираа на пишувањата на печатот.
Според „Опинион“, во воените кругови кружат гласини дека офицерите, чии деца биле уапсени на протестите против хомосексуалните бракови, се внесени во полициската евиденција и ризикуваат успорување на нивните кариери. Министерството за внатрешни работи го демантира постоењето на една таква листа.
„Црниот Лилјан“ сонува армијата да излезе од своите касарни и да наменте политичко решение и да воспостави „национално единство“ на сите суверенисти од левицата до десницата, пти што поранешниот социјалистички министер Жан-Пјер Шевенман би бил своевиден „татко на нацијата“.
Пишувањата на ревиите блиски до екстермната десница и гласините кои се шират, според „Опинион“, предизвикуваат загриженост во високите државни кругови, кои стравуваат од однесувањето кои многу наликува на она од 30-те години од минатиот век.