Двеста и осумдесет странски борци, кои се бореле на страната на бунтовниците во Сирија, се убиени од јули 2012 до мај 2013 година, се наведува во истражувањето на експерти од Институтот за блискоисточна политика во Вашингтон и организацијата Flashpoint Global Partners, што ги следат и анализираат екстремистичките сајтови.
Голем број странски борци одат да се борат на страната на бунтовниците во Сирија, која се претвори во „поклоничка дестинација“ за сунитски борци, исто како што Шпанија била дестинација за левичарските активисти во текот на граѓанската војна во 30-те години на минатиот век, забележуваат британските медиуми.Најмногу убиени странски борци има од соседните или блиски земји на Сирија, зафатени од конфликти како резултат на Арапската пролет, посочуваат агенциите, цитирајќи го истражувањето.
Најголем број или 60 борци се од Либија, следат 47 убиени Тунижани, 44 Саудијци, 32 Јорданци, 27 Египѓани, 20 Либанци. Освен тоа, има седумина Руси, петмина Кувајќани, петмина Чеченци и тројца Ирачани.
Американски безбедносен службеник изјави дека нема официјални податоци за бројот на Американци кои заминале за Сирија за да се борат против режимот на Башар Асад.
Меѓу убиените странски борци во Сирија има податоци за по еден Бугарин, Данец, Французин, Узбекистанец, Ирец, Мароканец, Алжирец, Косовец, Британец и Американец, покажа истражувањето.
Повеќето странски борци самите го уредуваат и плаќаат патувањето и своите контакти во Сирија, каде влегуваат преку Турција или Либан, се наведува во истражувањето.