Во врска со најавата дека Унгарија, поради „бавната испорака на европските вакцини“, размислува за увоз на „лесно достапни кинески вакцини“, Брисел порача дека „нема потреба“ за билатерална набавка на дополнителни вакцини, без да се преговара со Кина на ниво на ЕУ.
– ЕУ обезбеди 2,3 милијарди дози потенцијални вакцини и само од компаниите Фајзер и Модерна, кои веќе се користат, нарачавме вакцини за 80 проценти од населението во ЕУ, изјави портпаролката на Европската комисија Дана Спинат.
Европската комисија наведува дека само од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“ се нарачани 760 милиони дози (600 милиони и 160 милиони) и дека „наскоро ќе пристигнат и други вакцини“.
– Затоа, нема потреба од какви било билатерални договори за дополнителни дози од оние што ги договори ЕК за потребите на сите земји-членки, соопшти портпаролката.
Се додава дека испораката на вакцини до земјите-членки поминува низ т.н. Управувачки комитет во кој се застапени сите земји-членки, ЕК и производителите.
Европската комисија додава дека тие не се во контакт со кинески производители на вакцини, ниту пак имаат информации дека Кинезите ја контактирале Европска агенција за лекови во врска со одобрување на употреба на нивната вакцина на територијата на ЕУ.