Заминувањето во пензија предизвикува депресија и го зголемува ризикот од настанување на болести, се наведува во студијата „Работи подолго ќе живееш поздраво“ на независниот британски институт за економски студии.
Истражувањето, спроведено на примерок од 9.000 лица на возраст од 50 до 70 години во 11 различни европски земји, покажало дека 40 отсто од учесниците во анкетата изјавиле дека по заминувањето на пензија се потполно или прилично здрави.
Кај 60 отсто од нив, меѓутоа, по престанувањето на работниот однос се зголемува ризикот од заболување на некоја функционална болест и можност за редовно земање на лекови, пренесуваат белгиските електронски медиуми.
Ризикот од добивање на некое сериозно ментално заболување по заминувањето во пензија е зголемен кај 40 отсто од случаите.
Истражувањето покажало дека и двојно зголемениот пензионерски стаж за 17 отсто ги зголемува шансите од појава на депресија, а за 22 отсто за појава на некое функционално заболување.
Заминувањето во пензија е далеку постресно од проблемите предизвикани на работното место, нагласуваат експертите кои исто така предупредуваат и на опасност од социјална изолација на пензионерите, што е еден од факторите за појава на депресија.