Собранието денеска ја почна расправата по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, која е 14 точка од 29-тата седница. Предлог-законот го образложи заменик министерот за правда Агим Нухиу, кој рече дека со законското решение е предвидено пописот да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, а со него ќе бидат опфатени и лицата кои работат надвор од државата.
– Лицата кои работат надвор од државата, попишувањето ќе го извршат сами, со посебна апликација, која ќе биде инсталирана на интернет-страницата на Државниот завод за статистика, од 1 март до 21 април 2021 година, појасни заменик-министерот Нухиу.
Тој посочи дека со законот се предвидени 50 региони за попис и секој од нив ќе има посебна комисија. Во целиот процес ќе се почитува правичната застапеност во комисиите, како и при изборот на попишувачите.
– Во четвртото поглавје од законот, е предвидено дека актите кои ги донесува директорот на Заводот за статистика ќе имаат правен ефект ако нив ги прифати и неговиот заменик. Така, не може да има измама на етничка основа, истакна Нухиу.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека за нив е неприфатлив ваквиот закон и оти ќе гласаат против.
– Со законот не дојдовме до пленарна седница на начин на кој посакувавме и повикуваме. Од самиот почеток баравме државен консензус за ова прашање, а не владино-коалициска одлука на партиите од власта за начин, односно формата за спроведување на пописот. Испуштивте шанса, од самиот почеток да дадете легалност и легитимитет, односно доверба на статистичката операција-наречена попис, нагласи Мицевски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ сакала да учествува во овој процес и затоа од пратеничката група поднеле 26 суштински амандмани, кои биле во согласност со регулативите и препораките на Европскиот парламент, Обединетите нации и Евростат, но владејачкото мнозинство не ги прифатило.
Мицевски потсети дека власта не го прифатила предлогот на опозицијата при пописот да се користи отпечаток од прст.
– Пописот треба да биде статистичка операција која треба да го даде бројки за резидентно население, а не бројот на државјани. Ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис. Според регулативите на ЕУ и според ООН, за резидентно население се сметаат оние кои живееле во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот; и оние кои пристигнале во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да останат таму најмалку една година, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека вака како што се планира пописот, ќе даде резултати кои ќе бидат под знак прашалник.