Американскиот претседател Барак Обама и поранешниот претседател Бил Клинтон склучиле „таен договор“ за тоа Обама да застане зад кандидатурата на Хилари Клинтон и да ја поддржува поранешната прва дама, за претседателските избори во САД во 2016 година, пишува „Дејли мејл“.
Весникот се повикува на наодите содржани во книгата „Аматер“ на американскиот публицист Едвард Клајн, во која се обработува првиот и почетокот на вториот мандат на американски претседател Обама.
Во книгата се открива дека дилот меѓу актуелниот и поранешниот претседател на САД е направен длабоко зад затворена врата, за време на последната претседателска изборна трка.
Поддршката од Обама за Хилари Клинтон треба да биде реванш на сегашниот претседател, за помошта што во „пресуден момент“ му ја даде Бил Клинтон, за време на минатогодишната изборна трка.
Според лондонскиот весник, двајцата политичари не се сакаат и во основа, имаат лошо мислење едениот за другиот. Клинтон на еден состанок во неговата куќа, го нарекувал Обама „аматер“, а неговото претседателствување го означувал како „некомпетентно“.
Обама, пак пред тоа, го критикувал работењето на Бил Клинтон и го тргнал од кругот околу себе при изборите во 2008 година. Но нетрпеливоста и вербалната војна биле заборавени минатата година, кога Обама и неговиот изборен штаб се соочиле со забрзаното губење на подршката кај гласачите.
Тогаш било одлучено да се повика на помош Бил Клинтон, за да се искористи неговиот авторитет кај демократските гласачи, за да му обезбеди поддршка за Обама меѓу големиот број неопределени гласачи во тоа време.
На тајната средба, Клинтон се согласил, но „побарал за возврат поддршка за Хилари „за следната претседателска изборна трка, што Обама го прифатил“, забележува весникот.
На националната конвенција на демократската партија, во август минатата година, Бил Клинтон застана зад Обама, давајки му јавна и силна поддршка на актуелниот претседател, за уште еден мандат.
Пред тоа, Бил Клинтон даваше критички изјави за дотогашното работење на Обама, а големо изненадување тогаш предизвика осудата што Клинтон ја изрече за сметка на Обама, замерувајќи му што ги критикува и им се потсмева на економските постигнувања на Мит Ромни, републиканскиот противкандидат на минатогодишните избори во САД.