Пет лица, меѓу кои тројца цивили, загинаа денеска при експлозија на автомобил-бомба во североисточниот дел на Сирија, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права. Нападот се случил во близина на пазар за зеленчук во градот Рас ал-Аин, контролиран од турските сили.
При нападот во градот, кој се наоѓа до границата со Турција, повредени се и четири лица, од кои некои се во сериозна состојба, соопшти невладината организација со седиште во Велика Британија.
Турското Министерство за одбрана, пак, информира дека две деца загинале во експлозијата, а четворица цивили биле повредени.
На местото на нападот пристигнаа амбулантни возила и ги превезуваат настраданите.
Рас ал-Аин е контролиран од турските сили и сириските бунтовници поддржани од нив, откако при офанзивата што ја започна Анкара во североисточна Сирија во октомври минатата година, од градот беше протерана главната курдска вооружена група Народните одбранбени сили. Групата е прогласена од Турција за терористичка група, поврзана со Курдската работничка партија.