„Живеењето и работењето во 2020 година, во услови на светска пандемија, не засегна сите. И професионално и приватно и допре во секоја сфера на нашето живеење. Најмногу во клетката на нашето живеење – нашите семејства, нашите блиски и нашите колеги за кои здравјето и сигурноста се прв приоритет. За СОС Детско Село приоритет беа 590 деца, млади и семејства на кои им требаше нашата и вашата помош и поддршка“.
Ова се емотивни зборови кои допреа до срцето на многу индивидуални и корпоративни донатори, кои и годинава, помогнаа децата и младинците да се соочат со предизвиците од КОВИД пандемијата. Националниот директор на СОС Детско Село, Јулијана Гапо, на овој начин се заблагодари на сите донатори на Светскиот ден на човечката солидарност, кога СОС Детско село го организираше традиционалниот настан „Едно семејство“.
Таа, во своето обраќање, додаде дека за остварување на целите на СОС Детско село од исклучителна важност е индивидуалната филантропија – можноста секој поединец да споделува вредности со некоја хуманитарна кауза и да овозможува остварување на нивните цели. “Претставува голема радост фактот дека секоја година СОС Детско село инспирира се поголем број граѓани кои се вклучуваат во остварување на нашите цели и ја поддржуваат нашата работа – обезбедување услови во кои децата можат непречено да се школуваат, да бидат згрижени и заштитени, што би било невозможно без хуманост и солидарност. Многу донатори прават разлика во животот на децата од ранливите групи а секоја донација им возвраќа со радост и гордост и лична сатисфакција кога помагаме на тие околу нас Пред нас е уште една неизвесна година и затоа ги повикуваме сите кои се во можност да ја посетат нашата страница https://sos.org.mk/sos-superheroi/ да се запознаат со нашите активности и со можностите како да помогнат“.
На листата на најголеми индивидуални донатори на СОС Детско село годинава се запишаа и имињата на д-р Лоди Гоговска, Варвара Стојановска Чукиќ, Јулијана Пецовска, на членови на Православната Црква Свети Климент од Диарборн – Мичиген, Кристиан Тимоние, Стефани Неделкова и Снежана Кимова.
Д-р Гоговска, цитирајќи го Алберт Ајнштајн, ќе рече дека „големината и вредноста на човекот лежи во она што го дава, а не во она што е способен да го прими“. Според неа, никој не ја живее сегашноста доколку не дал некому нешто без да го врати тоа. „Давањето нема да не осиромаши. И не е важно колку даваме, битно е со колку љубов тоа го правиме (Мајка Тереза). Никој не е бескорисен на овој свет доколку и малку го олесни товарот на другиот“.
Клучната работа на СОС Детското село е грижа и овозможување поддршка на децата и младите без родители и родителска грижа и остварување на целите и мисијата “Ниту едно дете не семее да расте само”. Тоа е активност која се одвива во континуитет, без престан, секој ден, недела, месец… и така 19 години. Работа која не може да застане, да престане, да се откаже. Токму поради тоа, секој оној што ја препознава важноста на одржливоста на нашата работа станува посветен донатор. Донатор кој секој месец, во континуитет, непрекинато ги помага децата и претставува силен генератор на стабилноста на нашите програми и на нашиот успех.
Како најголеми посветени донатори на СОС Детско село се впишаа и имињата на Марија Челебиева, Марија Цветановска, Марио Ристовски, Анита Силановска и Мартин Гегоски.
Авторот на книгата „Тито – мојот последен херој“, Зоран Спасов – Sоф, одлучи приходот од продажбата на ова дело да биде дониран во СОС Детското село. За ваквата индивидуална филантропија, тој се прашува “Зошто да помогнеме некому?“ и одговара „мислам дека е малку тешко човек да одговори на вакво прашање, посебно кога се работи за еден нормален и обичен човек. Во генот на секоја единка е да се биде хуман и доблесен и тоа не е воопшто тешко да се направи. Овој човечки гест, да го отстапам приходот од мојата книга во добротворни цели, нема никаква позадина. Мојата лична донација не ја сметам за голема, но голем е одговорот на јавноста, преку купување на овој роман, да помагаат на оние на кои им е најмногу потребна помош. Идејата е едноставна – читателот донира во СОС детско село и добива бесплатна книга. Тоа нека биде перцепцијата. Колку мал гест за еден обичен човек, а колку голем и важен за најранливата категорија – децата“, вели Спасов.
СОС Детско село преку програмата за грижа, советување и менторство за млади, во рамки на настанот „Едно Семејство” организираше и продажна изложба на делата на Мартин Буровски како можност за поддршка на младиот и надежен уметник во развој на неговата професионална кариера. На настанот беа изложени 12 продажни уметнички дела, кои беа купени од компании и индивидуалци. Упатуваме посебна благодарност до Пакомак, Винарија Тиквеш, Веро Маркети, ЈП Водовод и Канализација Македонија, Пивара Скопје, до Симона Димитрова и Силвана Ивановска кои со купување на дело несебично го поддржаа младиот уметник.
СОС Детско село се заблагодарува на сите индивидуални донатори за несебичната поддршка, кои претставуваат пример многумина наши сограѓани да запловат во филантропските води и да продолжат или да почнат со хуманост. Исто така, СОС Детско село ги мотивира сите луѓе да донираат и да ја поддржат Организацијата во остварување на својата мисија – Ниту едно дете да не расте само.
Секако, покрај индивидуалните донатори, СОС Детско село изразува благодарност до сите компании кои помогнаа во реализација на сонот на секое дете. Статуетка за Најголем корпоративен донатор добија Пивара Скопје, Осигурување Македонија и Агенцијата за електронски комуникации. Плакета за поттикнување индивидуална филантропија добија ЈП Водовод и канализација Македонија и ВЕРО Маркети. Плакети за значаен придонес и поддршка добија компаниите Кап Карго, Пакомак, Хуссе-Кордеа, Гранит, Битолска Млекара, Алкалоид АД Скопје, Тулбе БВ, Форма, Фармахем, Унија Финансиска, Еко Мозаик, Макпрогрес, АД Др Пановски. За поттикнување филантропија кај вработените плакета добија Шпаркасе Банка и Илинка Захарчева Буддс – Google. Благодарница за придонес и поддршка во 2020 година добија Везе шари, Комисија за хартии од вредност, Бест Веј, Аптив, Аптека Ани Фарм, Мебел Ви, Шортлист ЛЛЦ, Тиан Де, Перутнина Птуј, Боград Струга, Бе-Да Логистик, Тетекс Ад Тетово, Експекта Медикал, Дабар Дооел, Пекабеско АД, Вато Доо, Цилиндо Интернационал, Блиц Инженеринг и Салекс ИНГ. Посебна благодарност СОС Детско село изразува до М6 Едукативниот центар кој даде несебична поддршка при реализација на овогодишниот настан „Едно семејство’.
ПР Текст